Париз е главен град на Франција, а воедно претставува и административен, политички, стопански, културен и образовно-научен центар на таа земја. Градот лежи на бреговите на реката Сена во северниот дел на Франција, во регионот Ил де Франс т.е. парискиот регион.
Големината на градското подрачје е ограничено уште во 1860 година и поради тоа Париз е со константен број на население од околу 2.200.000 жители. Меѓутоа во поширокото градско урбано опкружување, живеат над 12 милиони жители и со тоа овој регион е еден од најнаселените региони во Европа, по регионите околу Москва и Лондон.
Париз веќе неколку столетија наназад има значење за економијата, културата, политиката, образованието, уметноста и науката во светот. Во најново време Париз е и седиште на високата мода, модните брендови, како и луксузот и естетиката на живеењето.
Според податоците од 2005 година Париз од градовите во Европа е со најразвинена економија и највисок БДП. Париз и парискиот регион со 534 милијарди € (2007) учествува со четвртина од вкупниот БДП на Франција. Во Париз се сместени и работат 37 од 500-те најголеми компании во светот според списокот Fortune Global 500.
Во Париз се сместени и многу меѓународни организации како УНЕСКО, Организацијата за економска соработка и развој (OECD), Меѓународната комора за трговија (ICC), како и неформалниот Париски клуб, додека пак во еден период тука било сместено и седиштето на НАТО.
Comments
Post a Comment